НУ „Спомен куќа на Тодор Проески“ Крушево
Спомен куќата за Тоше Проески на Гумење во Крушево e отворена на 25 април 2011 година.
Инвеститор на проектот е Министерството за култура и Владата на Република Македонија.
Спомен куќата претставува паметник за еден човек, симбол, лик со вредности, сеќавање на една од најмаркантните фигури во поновата Македонска историја.
Спомен куќата претставува материјализација на целиот животен пат на Тоше Проески и низ своите содржини обезбедува хронолошки приказ на неговото детство, на тинејџерските години и на периодот кога Тоше го достигна врвот на својата музичка, уметничка кариера. Хронолошки, куќата е поделена на шест делови: животен пат, музичка кариера, секојдневие, Тоше како хуманист и верник, Тоше и фановите, и Тоше засекогаш.
Идејното решение за изградба на спомен куќата е на архитектите Дејан Секуловски и Дејан Спасеновски, во соработка со Илија Божиновски. За изгледот на куќата, Министерството за култура распиша меѓународен конкурс во јануари во 2008та година, каде од неколкуте понудени идејни решенија беше избрано токму ова, кое претставува крст кој се издигнува од земјата. Куќата е со површина од 1460 метри квадратни.
НУ „Спомен куќа на Тодор Проески“ Крушево е прогласена за најдобро архитектонско дело за 2011година на Меѓународниот фестивал за архитектура одржан во Барселона истата таа година. НУ „Спомен куќа на Тодор Проески“ Крушево е добитник и на големата годишна награда за архитектура за 2011година од асоцијацијата на архитекти на Република Македонија.